Saturday, July 20, 2024

МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА- ФАКТОР ЗА ПОДОБАР ЖИВОТЕН СТАНДАРД ИЛИ НЕ?

Да се напише текст за 27 годишниот период на опстојување на Република Македонија како независна држава е голем предизвик. На секое поле се случуваа различни промени во кои беа вклучени многу луѓе со различни и често спротивставени интереси. Во некои учествував директно, а во некои бев набљудувач. Можно ли е да се избегне замката да се зборува за се, а всушност да не се каже ништо

Затоа на почетокот сакам да објаснам кои се прашањата што си ги поставив : 
1) „ Го постигнавме ли тоа што го планиравме во 1991“ и 
2) „Како го користевме тоа што ги имавме како што се природните ресурси, индустријата, знаењето и кадарот за да живееме подобро“. 

Индикаторите за успешноста се споредбените статистички податоци во растот и развојот, како и споредба со достигнувањата на другите кои го одеа истиот пат како нас. 

Што планиравме, а што добивме? 

Во 1991 година граѓаните на Република Македонија изгласаа независна и суверена држава, како резултат на долгогодишната битка за самоопределување на македонскиот народ и желбата за изградба на нов политички, економскиот и општествен систем кој ќе овозможи раст и развој на граѓанинот и заедницата, во променети услови на опстојување. Како држава бевме исправени пред случувањата од надвор и внатре. Исти промени што се случуваа во сите социјалистички земји го предизвикаа шокот на губење на пазарите, а неочекувано брзиот напредок на технологијата ги менуваше културните вредности, менувајќи го и забрзувајќи го човековиот напредок. 
На внатрешен план акциите беа следени со ентузијазам за изградба на самостојна држава. Во овој период многу се случуваше, имаше достигнувања и падови, радости и таги во однос на материјалните бенефиции што некои ги добиваа а некои ги губеа, на политички, економски, национален, религиозен и друг план. 

Трчајќи по напредок и благосостојба, преку идеологии, промени, технологии, бирање на пријатели во развиените земји, сепак нешто многу попрефинето и далеку повредно беше изгубено: Се изгуби поединецот. 
Воспоставениот систем ги префрли на негов грб обврските за образование, работа, заработувачка, здравство, а притоа без поддршка и водство како да се оспособи за тоа. 

Менаџирањето со претпријата беше без јасна насока од економската политика и државно водство во сосема новите услови на опстојување на државата.

Мобилизирањето на поединецот за промени: слобода, демократија, приватна сопственост ! 

Мобилизирањето на поединецот за промени беше на понудените две клучни вредности: 
  •  лична слобода преку демократија, и 
  •  приватна сопственост за просперитет. 
Првата вредност требаше да биде основа за одлучување за државата и заедничките интереси, а втората како основа за одлучување на поединецот. За нивното воспоставување расправиите не престанаа сите овие години. На сите избори досега имало оспорување за тоа дали биле недемократски, а обвинувањата за начинот на приватизација на општествениот капитал се повторуваат и после многу години од нејзиното завршување. Бидејќи овие две вредности се темелите, основата на промените во Република Македонија би укажал на пропустите во нивното практикување. Тие не зависат од законите на државата туку од знаењето на луѓето како да ги користат. Демократијата ја практикувавме парцијално во однос на нејзината целосна дефиниција. Имено демократија е мнозинството да одлучува за своите претставници во власта, кои потоа како избрани носат одлуки за добро и користи за најголемиот број на луѓе. Целиот фокус беше ставен на првиот дел од дефиницијата, дали власта е демократски избрана. Но во целиот период од 27 години малку од одлуките на било која политичка гарнитура може да се оценат како добри за најголемиот број граѓани. 

👎На пример: во период во 1996 година стапката на невработеност е 36%, година, следен факт е дека во 2015 година во однос на 1990 година, номиналната нето плата пораснала за 478% (скоро 5 пати) но реалната нето плата пораснала само за 44,8% . 

Иако во периодот државата се соочи со војни во регионот, две ембарга и војна на своја територија, сепак многу одлуки покажуваат дека и после 2001 година продолжи овој тренд, носење на одлуки што не се во полза на најголемиот број граѓани. За подобро разбирање на дадената дефиниција за демократијата би посочил на следните коментари надвор од Македонија: диктаторски и автократски режими за оние кои не се избрани од мнозинството (нерегуларни избори) или криминална Влада кога нетранспарентно се троши буџетот, штрајкови кога се покачуваат даноците и слично. 

Втората темелна вредност на новиот систем приватната сопственост е користење на креативноста на поединците да создаваат вредности и да обезбедуваат просперитет за себе и државата. 

Но наместо тоа целиот фокус беше кој ќе одлучува за продажбата на сопственоста, природните богатства, претпријатијата, јавните претпријатија и слично, за да се извлече некоја конкретна корист. 

И додека целото внимание на поединецот беше насочено кон овие две работи, што навистина се случуваше со природните ресурси, наследеното од претходните генерации и економијата, (пред се на индустријата)? 

Што навистина се случуваше!

Индустријата во Македонија (историјат, сегашност и перспективи) 

Пред да зборуваме за Индустрија да кажеме дека овој поим се дефинира како активност на процесирање на суровини и материјали за производство на стоки за понатамошна продажба. Нејзиното учество во општествениот производ покажува колку развојот на една држава се заснова на способностите на претпријатијата да произведуваат производи или повеќе се ориентирани на трговија, примарно земјоделие или услуги. Интересно е да се спомене дека еден од преводите на англискиот збор “industry” е „напорна работа“. Развиените земји се економски силни заради нивните способности да произведуваат, или затоа што не се откажале од индустријата (напорната работа). 

Се сеќавам на коментарот на еден клиент од Германија. Ме праша што ние во Македонија произведуваме. Јас му набројав некои производи меѓу кои и беа и повеќе земјоделски производи. На тоа тој ми рече дека земјоделието и не е некоја способност, вие произведувате вода, земјоделските производи се 70 % вода. 

На просторите на Република Македонија економскиот просперитет се засновал на различни гранки. Во периодот до 1912 година клучни двигатели биле занаетчиството и трговијата, потпомогнати со излезот на море преку Солун. Периодот 1912 -1941 година се карактеризирал главно со потпирање на земјоделието за обезбедување на егзистенција. Периодот 1945-1980 година го карактеризира брзата индустријализација и потпирање на индустријата како двигател на економскиот просперитет на Република Македонија. Најголем фокусот бил ставен на базната индустрија и обезбедување на суровини за другите југословенски републики. Меѓутоа некои индустрии успееја да произведуваат целосен финален производ за источниот блок на социјалистички земји, како што беа текстилната индустрија, чевларската, прехранбената индустрија, дрвната индустрија и мебел и други. 

Она што е заедничко за сите овие периоди е дека насоките во развојот на индустријата повеќе биле одредувани од надвор, а потоа носителите на економската политика само ги спроведувале. Причини за ова се малиот пазар и потребата за прилагодување на светските економски и трговски трендови.Тој тренд продолжи и после 1990 година. 

 1990-1996 година 

Во периодот 1991-1996 година економијата и индустријата се соочуваа со неколку предизвици; 

(а) надворешни, две блокади, војни во соседството и губење на пазари Во 1990 година 32,6 % од извозот на Република Македонија е во социјалистичките земји и 11,4% во земјите во развој . На ова кога се додаде и фактот дека 60% од трговијата беше со поранешните југословенски републики, тогаш шокот од губењето на пазарите на македонската индустрија изнесуваше околу 70% помал пазар за македонската индустрија. 

(б) внатрешни, висока инфлација до 1994 година, воведување национална валута денар, промена на економскиот и трговскиот систем, приватизацијата (трансформација на општествениот капитал), скапи финансиски средства (каматите на кредитите), неискористени капацитети и превработеност. 

Во овој период три клучни промени го одредија економскиот амбиент за индустријата: 

Висока реална каматна стапка за зголемување на долговите по кредити,до 24 % 

Високата реално камата во 1993 и 1994 година. Со стопирањето на инфлацијата во 1993 и 1994 година реалната камата на кредитите за претпријатијата достигна до 24 %. Во текот на една година преку дадените кредити се прокнижија и наплатија камати кои не може да го поднесе ниту развиена економија. Резултат на ова беа големите долгови на претпријатијата кон банките, долгови кои директно ја намалија вредноста на капиталот на претпријатијата. Поради неможноста да ги наплатат се пристапи кон проектот за санација на банките во Македонија, со што сите овие долгови се префрлија на државата и нив требаше да ги плаќаат сите граѓани.

Приватизација на општествениот капитал во голема политичка нестабилност и невоспоставени пазарни механизми. 

Приватизацијата требаше да доведе до дефинирање на титуларот на сопственоста со цел јасно лоцирање на ризикот од економската активност. 
Изборот на начинот на приватизација се фокусираше околу неколку прашања: 
  • да биде платена и да се соберат средства во државата; 
  • да биде правична; и 
  • да води кон отворања на нови работни места. 
Дискусиите и несогласувањата беа околу тоа кои од овие прашања треба да добие приоритет, оние што беа за платена приватизација го предложија и донесоа Законот за трансформација на општествениот капитал, а опонентите се залагаа за правичност предлагајќи го системот на ваучери. 

(1) Во однос на првото прашање за тоа дека приватизацијата требаше да биде платена, бројките покажуваат дека со Законот се опфатија 1.216 претпријатија, со 239,272 вработени и вредност на капиталот од 2,367,799,665 евра . Меѓутоа нема податоци колку пари навистина се наплатени од приватизацијата. Иако постојат записници на Собранието на РМ од 1995 година каде пратениците бараат информации за уплатените средства од приватизацијата не може да се најде јавен податок за наплатените средства. Имајќи предвид дека во оваа вредност на капиталот се вклучени и интерните акции на вработените, може да се процени дека вредноста што се побарува да се плати е 50 % или околу 1, 3 милијарди евра. Недостатокот на јавни податоци за наплатените средства од приватизацијата укажува на фактот дека принципот на платена приватизација не е остварен на задоволително ниво, ниту постои отчетност пред граѓаните за што се искористени наплатените пари од приватизацијата. 
(2) Отсуството на транспарентност пред граѓаните за наплатената приватизација и користењето на собраните пари го доведува во прашање принципот на правичност, поточно правото на еднаков пристап од општествениот капитал на сите граѓани. На многу вработени во општествените и јавните дејности не им беше овозможено да се вклучат во приватизацијата. За нив законот е неправичен и недемократски, не води сметка за доброто на поголемиот број на граѓани. Ваучерскиот систем применет во повеќето други социјалистички земји, целосно (Естонија, Летонија, Литванија)или комбиниран со платена приватизација (Словенија, Чешка. Словачка) предизвика поголемо одобрување на процесот кај граѓаните, оценувајќи го како поправичен и обезбедува еднаквост на сите граѓани. 
(3) За отворање на нови работни места, приватизацијата не придонесе воопшто. Иако во моделот на менаџерски откуп постоеја услови за задржување и зголемување на бројот на вработени, приватизираните претпријатија не придонесоа за зголемување на бројот на вработени. Големите претпријатија Пивара, Европа, Алкалоид, Македонија Турист, Ферштед и други, го задржаа постојниот број на вработени и сеуште опстојуваат на македонскиот пазар. Во однос на отворањето на нови места приватизираните претпријатија се водеа според нивната пазарна логика и можност за профитабилност. 

Покрај овие прашања важно е да се укаже дека целокупното окружување во тој период и мерките на економската политика одеа во правец да се зголемат долговите на претпријатијата (намалување на нивната номинална вредност на капиталот), а големите нарушувања на надворешниот и домашниот пазар водеа кон намалување на пазарната вредност на капиталот. Состојба која во никој случај не можеше да обезбеди платена приватизација по реално задоволителна цена. 

 Законот за преструктуирање на 25 големи загубари 

 Во периодот на неповолни пазарни услови еден број на претпријатија покажаа големи загуби (МЗТ, Електростопанство, Акумулатори Злетово, Рудниците Саса и Злетово, ЗИК Струмичко Поле, Фротирка-Делчево, Микрон-Прилеп, Силика и Готекс-Готивар, Годел, Фринко-Битола и други). За нив се донесе Закон за загубари со цел профитабилните делови од овие претпријатија да продолжат со работа, а непрофитабилните да се продадат. Во текот на важење на Законот од овие претпријатие настанаа 123 нови правни субјекти. Целта беше профитабилните претпријатија да се приватизираат со платена приватизација, а непрофитабилните да одат во стечај. Истовремено со законот им се обезбедија отпремнини (соодветен број на плати) на 15.000 вработени кои беа прогласени за технолошки вишок. Меѓутоа плановите не се остварија, само 10-тина претпријатија привлекоа странски инвеститори, а најголем број од нив се приватизираа преку ликвидација и стечај . Овие претпријатија не успееја да се преструктурираат со нови или модифицирани производи за новите пазари, бидејќи најдобрите вработени и квалификуваниот кадар први си заминаа со отпремнини и присутното големо влијание на политиката во процесот. 

👎Пример: Кога беше откриено дека повереникот на САСА потрошил 800.000 марки за градење парно во Македонска Каменица, Премиерот на Владата воопшто не реагираше на тоа, единствено го интересираше колку гласови повеќе ќе донесе таа активност, која не беше дозволена со Законот. 

Овој Закон ги ослободи 25 претпријатија од сите обврски за период од 12 месеци со нивно преструктуирање и влегување на нови, а потоа како профитабилни да постигнат поголема вредност во приватизацијата. 
Три клучни пропусти беа направени пред носење на законот:
  • Целиот процес беше планиран од странски консултанти ( Светка Банка и ММФ) без да биде детално разработен според целта и крајните резултати. 
Пример: Кога избраните странски консултанти го поднесоа првиот извештај за работењето, ги повикав во канцеларијата и ги прашав: Доколку ваков извештај доставите на ваш клиент од Велика Британија што ќе се случи. После нивниот одговор дека ќе ги избрка од работа, ги прашав а зошто нам ни поднесувате ваков извештај. Тие рекоа: па овде е друга земја (Тангузија).
  •  Дополнителен проблем беше непостоењето на процедури за имплементација, нашите институции ги изработија процедурите и обрасците за спроведување на одредбите од законот иако тоа беше обврска на странската компанија. 
  •  Процесот на избор на повереници беше политички обоен без нивна претходна подготовка за тоа што од нив се очекува и како тоа да го направат; •
  • Отсуство на механизам за заштита и задржување на квалификуваниот кадар за обезбедување квалитет и обем на работа на преструктуираните претпријатија.
Квалитетниот кадар си замина прв а во претпријатијата останаа вработените кои не можеа да ги покренат претпријатијата според новите пазарни услови. Корисно би било за согледување на целокупните ефекти од законот, да се анализираат податоците за сегашниот приход што го остваруваат претпријатијата што продолжија со работа, наплатените средства во текот на приватизацијата како и вкупниот број на вработени во активните претпријатија. На тој начин би се виделе вистинските ефекти од законот. 

Главните согледувања за периодот 1991-1996 година 

(1) Континуиран пад на општествениот производ и намалување на учеството на индустријата на 29,8 % во 1991 година. 

(2) Прикриена општа согласност за извлекување пари од претпријатијата преку високи реални камати, со цел намалување на вредноста на капиталот. Истовремено истиот процес се водеше и кон граѓаните, преку либерализација на увозот и цените од нив се извлече голем износ на девизи.

 (3) Владата со економската политика се дистанцираше од индустријата, оставајќи ја самата да се снаоѓа; 

(4) Надворешната помош беше во нафта, опрема и машини кои се распоредуваа преку државните институции на претпријатијата. 

1997-2010 година 

Во овој период започна мал пораст на Општествениот производ, но од многу ниска почетна основа. Засилено се одвиваше трговската либерализација со што многу индустриски гранки во Македонија беа погодени од силната конкуренција. Процесот заврши со пристапување на Македонија кон Светската трговска организација. На оваа промена поголемиот број на индустриски гранки избраа стратегија да работат лон-работи со градење на конкурентност со ниска цена на работната рака и на кој начин да обезбедат пристап до ЕУ пазарите. Економската политика, поддржана со странска помош се фокусираше на проекти за поддршка на одредени гранки. Германија преку ГТЗ реализираше проекти за пристап на македонските претпријатија на германскиот пазар и поддршка за влез на нова технологија; УСАИД за создавање поквалитетни производи од млеко и месо и развој на туристичките услуги, формирање на кластери , Холандија за кредитирање на претпријатија за исполнување на стандарди на глобалните синџири на вредност. Паралелно преку Пактот за стабилност се покрена иницијатива за потпишување на спогодби за слободна трговија како можност за создавање поголем пазар за македонската индустрија во земјите од регионот, Бугарија, Србија, Црна Гора, БиХ, Словенија , Хрватска, Молдова). Оваа иницијатива заврши со формирањето на ЦЕФТА. 

Главна карактеристика за овој период е дека се правеа обиди на индиректен начин да се поттикне индустријата да се развива во две насоки: 

 (а) производство на репро-материјали и меѓу-фазни производи за пазарите на ЕУ и развиените земји, и 

 (б) создавање на зони на слободна трговија, (ЦЕФТА) каде поголемиот пазар би овозможил шанси за поголема продажба. 

Поточно се правеа обиди преку трговската политика да се зголемат инвестициите и работните места во македонската индустрија. Ваквата економска политика не обезбеди поголем развој на индустријата чие учество во БОП во 2001 се намали на 20,6% . 

Постојат две главни причини за ова: македонската индустрија повеќе од 20 години има иста структура на производи и според овој податок таа заостанува зад сите земјите во регионот. Индустриите на соседните земји имаат направено поголема диверзификација на индустриските производи од македонската индустрија, која резултира со изменета структура на производите што ги извезуваат. 

Втората причина е што процесот на преструктуирање не беше подржуван технички и финансиски. Иновациите и трошоците за развој не можеа да се обезбедат само од средства на претпријатијата. Пример ЕУ има програми за покривање на развојните трошоци на претпријатијата ( претходно ФП 7 и ЦИП програмите, а за периодот 2014-2020 ХОРИЗОНТ 2020, со 89 милијарди евра и КОСМЕ со 49 милијарди евра). 

Во овој период отпочна и децентрализацијата, преку која се пренесуваа надлежности на општините, единиците на локалната самоуправа. Сеуште е нејасно зошто прво следеше процес на централизација и целосно одземање на ингеренциите на општините, а потоа нивно делумно враќање. Во периодот пред 1990 година општините беа организирани на поинаков начин, имаа повеќе изворни надлежности, а таквата организација придонесе секоја општина да се грижи и да ги поддржува индустриските капацитети на својата територија. Процесот на децентрализација не обезбедуваше ингеренции на општините за економски развој, оставајќи им единствен механизам за поттикнување на развојот да биде урбанистичкото планирање, комуналните такси и данокот на имот. 

Карактеристиките на овој период 

(1) Обидот преку трговската политика да се поттикне развојот на индустријата не вроди со резултати, не дојде до зголемување на регионалната трговија ниту до менување на структурата кон повисок степен на финализација на производите на индустријата. 

(2) Сепак за прв пат почнаа проекти за поддршка на одредени дејности со цел создавање на производи кои можат да бидат конкурентни на странските пазари. 2010-2018 година 

Последниве 18 години, носителите на економската политика се обидуваа да ја поттикнат индустријата за искористување на шансите од формираните трговски зони (ЦЕФТА). Бидејќи постојната индустриска структура не инвестираше во нови производи, на помош се повикаа странските инвеститори. 

Големата кампања донесе поголем број на странски инвестиции кои отворија одреден број на работни места. Меѓутоа останува нејасно дали ако истата поддршка што ја добија странските инвестиции ја добиеја домашните инвеститори дали користа за македонската економија ќе беше поголема или помала. Во целиот период домашните инвестиции беа на ниво од 1 милијарда евра а странските на ниво од 200 до 300 милиони со исклучок на годината кога се продаваа Телеком и Електростопанство, кога странските инвестиции достигнаа околу 500 милиони евра. 

 Во однос на оваа кампања значајно е да се спомнат два факта: 

(1) околу 60-70% од странските инвестиции се однесуваат на претворање на побарувањата во влог и реинвестирана добивка (што значи само малку се свежи пари) и 

(2) во инвестициите 62% учествуваат градежни работи, а многу помало учество има нова технологија и опрема. 

Оваа политика овозможи промена на структурата на извозот на Македонија и придонесе за нови работни места. Беше следена со значителен буџет за привлекување на странски инвестиции и промоција на македонскиот извоз. Дополнително за прв пат се дефинираа индустриските гранки со потенцијал ( автомобилска индустрија, ИКТ, текстил, прехрана и сл). Паралелно во процесот се вклучија и општините со дефинирање на индустриски зони со цел отворање на нови капацитети. Во индустриски гранки се формираа индустриски кластери со цел понуда на финални производи со повисок степен на обработка и создавање на македонски брендови. Вкупно регистрирани се 19 кластери во Македонија. Во овој период актуелен проблем за индустријата стана недостатокот на квалификувани работници. Истовремено побарувачката за високо образовен кадар во ЕУ се зголеми повеќекратно. Индустриска политика да или не? 

Во однос на целиот изминат период економската политика се засноваше на водење на хоризонтални политики, а не вертикални кои поддржуваат одредени сектори или индустриски гранки. 

 Индустриската политика на Република Македонија 2009-2020 поставува пет приоритети: 

(а) меѓународна соработка и поттикнување странски директни инвестиции; 

(б) применливи истражувања и развој на иновации; 

(в) еколошки технологии, производи и одржлив развој; 

(г) развој на МСП и претприемништвото; и 

(д) соработка во кластери и мрежи. 

Со неа не се поддржува ниту една индустриска гранка посебно, ниту големите претпријатија. Документот за индустриската политика не е поддржан со конкретен буџет туку одредени приоритети се финансираат од програми на други министерства. Многу е нејасен начинот на раководење на индустриската политика и начинот на финансирање. 

Најголемите пропусти на економската политика во однос на индустријата би можеле да се групираат во следниве области: 

  • Прифаќање на принципот дека економијата треба да се поддржува со хоризонтални политики без давање приоритет на одредена индустриска гранка; 
  • Отсуството на политики и стратегии за индустриските гранки кои се развиени во Македонија водеше кон намалување на потенцијалот за поголем раст на БДП; 
  • Дефинирање на политика без инструменти и буџет за нивно спроведување; 
  • Отсуство на поддршка на индустриските претпријатија за подобар настап на регионалните пазари во соседните земји; 
  • Не-вклучување на општините во искористување на изградените капацитети на нивната територија и бавниот процес на децентрализација, 

Сегашност и перспективи 

Меѓународната трговија се карактеризира со следните трендови: 

  •  Континуирано опаѓање на трошоците за комуникација и транспорт со што постои можност за настап на пазарите секаде во светот: 
  • Глобалните компании се организираат на начин да го управуваат целиот ланец на вредности, од суровини до малопродажба; 
  • Побрзо расте регионалната трговија, трговијата на меѓу-фазни производи и меѓу-индустриската трговија, отколку трговијата со производи за широка потрошувачка. 
Сегашната состојба на индустријата во Македонија е ориентирање на лон-производство (текстилна индустрија со евтина работна рака), производство на финален производ под туѓ бренд ( преработувачката индустрија) и понуда на свој бренд ( вино, храна и сл) Поддршката на индустријата се реализира преку владини програми: конкурентност, претприемништво и иновации, Фондот за технолошки развој и иновации, ИПАРД, развој на туризмот, со опфат на поддршката до 300 претпријатија годишно. 

Перспективите на македонската индустрија треба да се бараат во три насоки: 

  • Пазарите на развиените земји, со понуда на лон-производство и финални производи под туѓ бренд;
  • Регионалните пазари западен Балкан и БРИК земјите со понуда на сопствен бренд;
  • Вклучување во ланецот на вредности на глобалните компании, особено на оние кои имаат инвестиции во Македонија. 
Клучната поддршка треба да биде на зголемување на продуктивноста на претпријатијата, која во моментот е на ниво од 30% од продуктивноста во ЕУ. Поддршката на македонската индустрија за искористување на перспективите треба да се организира поодделно за традиционалните индустрии и за новите индустрии, применувајќи вертикални политики на три нивоа; 
  1. Макро ниво, преку стратегии, државни институции за спроведување, инвестиции, развојни програми и инфраструктура; 
  2. Мезо ниво, преку професионални здруженија, комори и образовни институции, 
  3. Микро ниво, менаџмент вештини, кадар, технологија и брендирање 
Клучна препорака за отворање на перспектива за македонската индустрија е актерите на сите три нивоа да соработуваат, а не да се поставуваат како спротивставени едни на други. Клучно е заедно да се насочат кон подобар настап на македонската индустрија на странските пазари и да воведат систем на планирање, спроведување и извештајност за резултатите од водените политики. Поединецот и неговите способности (50% лојалност кон сопствената држава и 50% компетентност) и подготвеноста за тимска работа беше она што најмногу недостасуваше во изминатиот период. 

Македонската економија придонесувала и единствено таа ќе придонесува во иднина за економскиот развој и подобар стандард на живеење на македонските граѓани.

Sunday, April 4, 2021

Зошто и кому е поважна заедничката од одделената историја?

Може ли македонските политички лидери да им објаснат на граѓаните зошто заедничката историја со Бугарија е поважна од одделената? Потребата за одговор е поради неколку едноставни и за секого видливи факти:
  1. Првата (заедничката) била губитничка за двете страни (неостварени цели), а втората одделената историја со еден победник (Македонски идентитет и држава);
  2. Барањето на Бугарскиот министер за надворешни работи за „нова реалност“ е всушност барање за враќање на стара реалност од почетокот на 20 век, за која денес на канцелариска маса, една емотивно повредена страна ќе стане од губитник победник. 
  3. Дали со ова повторно високо ќе котираат двете тогашни професии на кодоши (атентати, брзоплети одлуки) и јаничари (собирање данок, насилство, угнетување)? Рака на срце ова го има и во одделената историја само со друго име, разузнавачи и организирани криминалци.Заедничко им е дека сите се од локалното население, а  нивните вештини ги прифаќаат и со нив се служат и многу други професии.
  4. Одделената историја имала резултат-победа (идентитет и држава) и поради неа денес сме субјект во преговорите со ЕУ, која ги успорува нејзините одлуки, а ние нешто брзаме, немало време (не дај Боже да е намерата слична со онаа на Илинденското востание, со една разлика тие што тогаш не брзале сега не успоруваат, но овојпат за наше добро).
  5. Тогаш кому е поважна заедничката отколку одделената историја и што очекува лично за возврат и од кого.  Од ЕУ познато е , донесоа нова методологија со процедури што важат за сите, политики ориентирани кон граѓаните. Во наредните 5-6 години останува претпристапната помош, минимум период за да обезбедиме пристап до најмалку еден структурен фонд.
Доколку Македонските лидери сакаат да ги заобиколат горенаведените факти, тогаш како што е редот, нека го направат истото како со Договорот со Грција, да спроведат референдум за потпишаниот Договор со Бугарија и доколку граѓаните го прифатат,  тогаш не мора да се мачат да глумат  преговарање, и  нека потпишат се што им се бара, а ние да си бидеме на гости дома.

Sunday, August 2, 2020

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ТВОЈАТА ОКОЛИНА? ДАЛИ СИ НЕЈЗИН РОБ ИЛИ КРЕАТОР?

Познат факт е дека 5% луѓе прават работите да се случат, 15 % следат што се случува а останатите немаат поим зошто е така како што е. Што се случува денес во Македонија, во светот? Кои се промените што ги живееме денес? Што треба да знаеме за да се справиме со нив? Модерната цивилизација почива на животинското во човекот . Во животинскиот свет владее правилото дека пониските врсти го подржуваат животот на повисоките видови созданија. На пример, животот на човекот е подржан од растенијата и животните. Тие му обезбедуваат храна и енергија за да се движи и да поседува сила. Човекот нив ги јаде но истовремено и ги негува и одгледува бидејќи знае дека тие му се поддржувачи на опстанокот. Дали истиот принцип важи и кај луѓето. Постојат слуги и газди, робови и господари, поданици и кралеви, работници и директори, народ и политичари. Првите ги поддржуваат вторите., а вторите ги негуваат и одгледуваат (со морков и стап) за тој однос да трае што подолго. Тој однос постои само со целосната согласност на двете страни. Дали и ти си направил ваква согласност со некој што се грижи за твојата егзистенција? Знаеш ли со кого и сакаш ли да го раскинеш? Двете крајности во одржување на тој однос надреден и подреден (владетел и владеан) се однесуваат на тоа кој ќе биде начинот на обезбедување на средства за живот (храна, живеалиште облека, образование, здравје, безбедност) на подредените (слуги, робови, поданици, работници, народ, граѓани). Првата крајност е сите создаваат за сите и трошат од сите а втората крајност е секој си создава и троши за себе. Првиот начин го создал робовладетелството, социјализмот, комунизмот додека пак вториот бил основата на првобитната заедница, феудализмот и либералниот капитализам. Каква околина имаш ти денес во Македонија? После комунизмот отпочна процесот на префрлање на обврските од државата (сите) кон тебе (поединецот-граѓанинот). Начинот на кој порано се создаваше од сите за сите престана да постои а почнаа промени кои се нарекуваа реформи. Основата на таа реформа беше да ти ја префрлат обврската ти самиот да си обезбедуваш средства за живот (да си најдеш работа, да заработиш за храна, живеалиште, да си плаќаш за образование, здравство и сопствената безбедност). Тоа што не си подготвен и способен за тоа не го менува ниту пак го забавува започнатиот процес. Така креираната и наметната околина предизвика многу поединци да потклекнат и да не успеат да се прилагодат на промените. Тие и понатаму продолжија да го бараат тоа што го нема, некој друг да им обезбеди егзистенција (основата на секоја робовска филозофија). И сеуште се лажат дека таа околина ќе се врати.. За такво нешто им служат тврдењата дека можеш да се вработиш само ако си член на партија, и тоа не било која туку член на владејачката партија. Во претходните текстови објаснив зошто, доколку вниманието ти е насочено во вистинска насока, тебе не ти е потребно многу време за да се оспособиш сам да си обезбедуваш средства за живот. Овде ќе се осврнам повеќе на тоа како не ти беше овозможено да го постигнеш тоа. Кога почнаа твоите проблеми од новата околина, твоето и вниманието на другите како тебе им беше свртено кон тоа колку се добри и чесни надредените (политичарите). Тие се посочуваа како виновници доколку тебе не ти беше добро во животот. Односно постојано твојот ум беше потхрануван со мисли дека некој друг треба да ти ја обезбеди основната егзистенција. Тој начинот на размислување те задржува на нивото на подреден и манипулиран. Од тоа ниво ти не се осмелуваш да помислиш дека имаш потенцијал сам да се избориш за она што ти треба во животот. Зошто овој начин на размислување е погрешен за тебе. Затоа што мислите со кои се согласуваш се одговорни за твојот живот. Мислите се причина за се што ти се јавува како состојба во животот. Па така, ако мислиш дека некој друг треба да се грижи за тебе тогаш твоите акции се кон барање на таква личност или група на личности (партии). Таквите акции ќе имаат за последица тропање од врата на врата, слушање многу оправдувања или ветувања и чекање нештата да се случат. Додека чекаш ти не создаваш, а ако не создаваш нема да имаш што да разменуваш со другите. Спротивен начин на размислување е да се свртиш кон себе, да ги откриеш твоите способности, да си ја повратиш довербата во себе и да почнеш да создаваш вредности што ќе ги разменуваш со другите луѓе. Значи во истата околина ти можеш да избереш помеѓу неколку начини на размислување. Секој од нив има различни последици по тебе. Те повикуваме да се приклучиш на заедницата на КРЕАЦИЈА, организација посветена на градење на заедница на луѓе кои сакаат да го прекинат односот надредени и подредени и да овозможи потенцијалот на личноста и неговите достигнувања да му го одредуваат квалитетот на животот. creation@t.mк

СЕКОЈ ЧОВЕК УСПЕВА ВО ТОА ШТО ГО РАБОТИ

Човекот одамна открил дека има ум и дека може да мисли,.Сфатил дека неговиот ум е неговото најсилно оружје. Но која е таа идеална состојба на неговиот ум во која тоа оружје е намоќно во решавањето на проблемите на постоењето? Не постои ништо пофлексибилно од човековата способност да мисли и верува. Неговиот капацитет (способност да искуси нешто) за промени е речиси неограничен. Значи природата на човекот и состојбата на умот насекаде во светот, па и во Македонија, може потполно да се промени и тоа за временски период од само неколку години. (за ова има многу примери во човековата историја:-ширењето на христијанството;-исламот;-крстоносните вони;-револуционерните движења;-идејата за комунизмот и сл).Штом луѓето се менувале во толкав голем број тогаш менувањето на еден човек би било речиси едноставно. И тоа е точно. Секој , па и ти, има искуство дека се менувал во текот на неговиот живот. Што треба човек да знае за да може за само неколку недели да постигне значајни подбрувања: 1. Човекот е навикнат на промени. Бистрината и способноста на твојот ум се намалуваат кога ти чувствуваш дека мора да протестираш против промената. А треба ли да протестираш што твојата околина се менува секој ден? 2. Човекот е успешен. ( Потоа рече Бог „ да создадеме човек според нашиот образ и подобие... кој ќе биде господар.... над целата земја и над се што се движи по земјата“,Прва книга Мојсеева,1.26) Ова е очигледно бидејќи човекот опстојува до денес. И тој е успешен бидејќи има власт и може да менува. Твоја цел е освојување на околината. Кога не си успешен во освојување и контрола на твојата околина направи промена во формата и методите и врати го повторно твоето владеење. 3. Човекот не се прилагодува на околината. Тој ја прилагодува околината на себеси. Во тоа лежи твојот успех. Кога ти нема да успееш да ја прилагодиш околината, кога ти заостануваш во контролата на твојата околина ти се менуваш себеси или твоите идеи се додека повторно не можеш да ја менуваш околината. Но зошто обие три големи квалитети на човекот, засновани на моќта на неговиот ум, не функционираат кај најголем број на поединци. Функционираат ли кај тебе? Поради грижите за сопствениот ум и состојбата на постоење, како и поради неговиот напор да ги контролира другите, човекот присвоил робовска филозофија. Секоја личност која измислува или користи ваква филозофија всушност се стреми да се ослободи од тоа наметнато ропство и со некој свој изум силата на другите да ја анулира. Ова на крај води до стапица за самиот корисник. Очигледен закон, а не мислење, е дека оној кој ги поробува и ограбува сопствените пријатели на крајот и самиот станува поробен и ограбен. Подучувањата дека човекот треба да се прилагодува на неговата околина, а не да ја прилагоди неа на себе, е токму таква робовска филозофија и не е корисна- само затоа што е спротивна на вистината. Обидите за поробување произлегуваат од стравот, кој е предизвикан од загубата на самодоверба во сопствената способност да се успее. Така е созададен овој наш свет во кој самодовербата се бара преку ограбување на другите. Тоа е почетокот на пропаѓање на општествата. Секој може да се ослободи од робовската филозофија која настанала во моментот кога ти си престанал да ги решаваш проблемите на твоето постоење и си посакал некој друг да се грижи за нив. Затоа врати се и ти кон врвните, од Бога дадени, човечки квалитети (навикни се на промени, владеј со промените, менувај се за да ја промениш твојата околина). Применливи решенија за разбирање на горенаведното побарајте преку creation@t-home.mk Comments Leave a Reply

ЗНАЕШ ЛИ КАКО ДА СИ СРЕЌЕН ?

Во минатиот текст споменав дека не се чувствуваш среќен и задоволен кога не си способен да ги поднесеш состојбите што постојат. Тоа е најсоодветната дефиниција за несреќа: неспособност да се соочи тоа што постои. Постојат четири основни лични работи за кои ти треба да се грижиш, да поставуваш цели и да постигнуваш личен развој? Како го остваруваш тоа истовремено стануваш се повеќе и повеќе среќен. Тоа се: здравјето, времето, парите и пријателите. Си размислувал ли како, додека си сега сосема здрав, да ја примениш формулата времето е пари? Дали некој ти објаснил како времето се трансформира во пари. И на сето ова како користејќи ја формулата за среќа да стекнуваш се повеќе и повеќе пријатели. Колку и да ти изгледа невозможно да го научиш ова не се откажувај. Вистинското и корисното знаење не се стекнува лесно. Но неговата примена ти овозможува да ги решиш проблемите. Корисноста на знаењето се мери според тоа колку ти овозможува да ги соочиш со животни проблеми и колку ти обезбедува квалитетно живеење. Постојат правила за среќно живеење. Едно од нив е да бидеш способен да искусиш се. За да стекнеш знаење од тоа потребно е да можеш нештата да ги видиш, измериш и почувствуваш. Искуси го знаењето да управуваш со своето здравје, време, пари и пријатели. creation@t.mk

Велигденски навики во секојдневното работење

Колумна, од 19.04.2020 

Празникот Велигден е еден од моментите кога се чувствуваме многу богато. 
Многу честитки со добри мисли и желби од и до другите луѓе за убавини и радости во животот. Секој што го слави празникот како да воскреснал на момент за сите луѓе. Испраќа најубави желби за добар живот, без разлика дали ги среќава често или ретко во текот на годината, дали ги сака повеќе или помалку и дали тој прв им честитал или тие нему. Толку добрина на момент во секој од нас, да помисли на животите на другите и да ги потсети дека не се сами на својот животен пат. Секој накратко, посакува своето постоење да биде од полза и помош за другите. Не можам да си одговорам зошто овие способности мнозинството ги користи само за време на празникот. Зошто не траат преку цела година? Толку ли е тешко да воскреснуваме секој ден по малку , да испратиме добра мисла за другите и да им бидеме од помош со тоа што го работиме? Се оди во прилог дека не е тешко да се користат ваквите велигденски навики, впрочем сите ни одговараат на пораките задоволно и со почит. Во теоријата за претприемништвото, способноста успешно да се трансформираат идеите во дела, по правило, зависи од два фактори. 
  1. Првиот е тежината на проблемот што се решава, поточно што луѓето сметаат дека е проблем за решавање и 
  2. Вториот, бројот на луѓето на кои решението на проблемот им помогнал во животот и работата (парите и сите материјалните нешта). 
Тежината на проблемот за користење на велигденските навики во секојдневното работење е навистина голема. Без оглед на овој принуден карантин, во нашето општество секојдневно се оддалечувавме од себе, блиските и пријателите. Се што беше нудено од помалку блиските луѓе се прифаќаше како подобро од тоа што нудеа оние што ги знаеме и ни се блиски. Ги користевме велигденските навики кон луѓе што помалку ги познаваме, но не и кон тие со кои секојдневно живееме и работиме. Во времево на карантин малку се освестивме и започнаа промени кон подобро, се повеќе мислиме добро и им помагаме на другите. Бројот на луѓето што посакуваат овие навики да ги користат во работата и бизнисот се зголемува. Постепено во општеството се цени важноста на социјалниот капитал, градење на заедница на добри односи помеѓу луѓето со меѓусебна доверба и почит. Предизвикот на овој претприемачки потфат за секој од нас е што тој започнува од нас кон другите, а не обратно. Така како што секој го прави со праќањето на велигденски честитки, од него зависи дали ќе испрати и дали ќе одговори на честитките. Од моето лично и искуството на моите колеги знам дека напорот да се прифати предизвикот се исплаќа. Некогаш добрите мисли и честитки од другите се многубројни и ја отпретуваат комуникацијата, но зарем не е така и со бројот на велигденските честитки што ги добиваме. Впрочем зад секој успешна бизнис идеја стои поединец или група на луѓе што се држат до велигденските навики. 
Велигден е потврда дека секој ги има способностите и навиките. Оваа 2020 година е многу поволна за секој што сака да го искуси овој предизвик. 
Ајде да ги применуваме велигденските навики секој ден и заедно. 
Да направиме, ако не секој ден, барем најголем број на денови од 2020 година да биде Велигден.

Monday, July 20, 2015

ЖИВОТОТ Е ТЕЖОК, АМА УБАВ

Зошто животот некогаш ни изгледа тежок, а некогаш многу убав? Што е тоа што прави некогаш да се чувствуваме тешко во врска со нашето живеење, а некогаш да се чувствуваме полетно и радосно? Во првиот случај се повлекуваме од животот, а во вториот сакаме да се вклучиме што е можно повеќе. Секогаш кога живееме од тоа што другите ни го даваат (земаат) , нашиот живот ни изгледа тежок. А кога живееме од тоа што ние сме го дале се ни изгледа убаво. Причината за ова е што ние создаваме живот преку она што го даваме., а не преку тоа што го земаме. Сепак заеднички именител на тешкиот и убавиот живот е размената. Таа преставува комуникација со околината и другите луѓе, а се состои од давање и земање. Разменуваме зборови, идеи, производи, имот и доверба. Овие се работите што ги даваме и земаме во комуникацијата и размената со другите луѓе. Вие го креирате вашиот живот до оној степен до кој успевате да ја водите, насочувате и контролирате вашата размена со другите луѓе. Постојат ли правила за да стекнеме способност да управуваме со размената што ја правиме со другите луѓе, а со тоа да креираме живот каков што сакаме? Да , тоа и многу друг работи се учат во училиштата и на факултетите. Дали тоа ви помогнало во животот ? Ако не сте задоволни од животот сигурно има нешто што не сте го научиле. ВАШАТА РАЗМЕНА ГО КРЕИРА ВАШИОТ ЖИВОТ? Зошто во одреден период од животот поголем дел од луѓето се повлекуваат од размената со другите луѓе и престануваат да го креираат својот живот?. Дали вам ви се случува ова? Акциите што ги превземате секогаш се со намера да креирате нешто, добро или лошо. Во акциите, користите два вида на способности: • вродени (волја, чувства, сетила-гледаш, слушаш, мирисаш, зборуваш, допираш) • научени (читаш, помниш информации, стекнуваш знаење за некоја област и слично) Преку нив стекнувате сопствено искуство, кое ве мотивира да продолжите да превземате акции и да креирате живот или пак ве стопират да продолжите да превземате акции. Во моето 20 годишно искуство на подучување и менторирање согледав дека една од причините за ова е верувањето дека научените способности се супериорни во однос на вродените. Затоа постојано бараме нови знаења и методи за нешто да работиме., се додека не се умориме и не почнеме да се повлекуваме од животот. Но всушност , причината за повлекување од акции за креирање на животот е моментот кога целосно сме се предале на идејата дека за успех во животот потребни ни се само научените способности. Врз основа на искуството како консултант, тренер и ментор забeлежав дека вродените способности на човекот се помоќни и посупериорни од научените. Поединецот што се поттпира на научените способности има ограничен простор за напредок. тој може да учи, да тренира и да превзема акции но степенот на личниот раст и развој е лимитиран. Од друга страна, оние што се враќаат на користење на вродените способности брзо и на чудесен начин постигнуваат успеси и резултати што ги посакуваат. За ова мое тврдење имам многу примери во средината каде делувам. Ова е причината што прифатив предизвик да понудам алатки што ќе го насочат поединецот кон зголемување на задоволството од сопствениот живот преку поголемо користење на неговите вродени способности. Имајќи предвид дека 7/10 од животот човек троши на работа- бизнис,избрав алтките за креирање живот да ги прилагодам на оваа област. Затоа што степен на користење на вродените способности за креирање ефекти во животот, најочигледен е во постигнувањето резултати во професијата и/или бизнисот. Прирачникот ви овозможува да откриете зошто си се откажал од своите вродени способности да го постигнеш тоа што го сакаш.