Monday, August 9, 2010

ЗОШТО И ШТО ДА УЧИШ ?

Пред некој ден пресметував колку време сум потрошил да научам како се подесуваат каналите на ТВ, како се користи далечинскиот управувач, како работи радиото во новата кола, подесувањето на новиот тип на мобилен. Да не набројувам за времето поминато да научам како работат програмите на компјутерот, електронската пошта, интернет и сл. Навистина доста време поминато во учење на новите направи кои ни донесоа технолошки напредок и полесен живот.
Првите 20-тина години од животот на секој човек поминуваат во учење и стекнување на образование.
Долго време си поминал во учење и најчесто не си се лутел што тоа го правиш. Значи нешто те тера да учиш и знаеш дека тоа ти треба. Податоците што ги добиваш со учењето ги сметаш за потребни за да имаш подобри одлуки и акции поврзани со твојата работа и живот. Значи за да можеш да дојдеш до нови податоци и информации првиот услов е да сакаш да учиш. Тогаш си подготвен да откриваш нови податоци и знаење што ќе ти ги отворат видиците за подобри решенија поврзани со твојот живот. Но сето ова има смисла за тебе и те прави витален само доколку доаѓаш до знаење кое можеш да го примениш во секојдневниот живот и со неговата примена подобро се снаоѓаш и опстануваш во животот.
Зошто чувствуваш дека учењето и знаењето се решение за твојот опстанок и квалитетен живот? Што се случува кога учиш и доаѓаш до нови податоци? Би можел лесно ти и секој друг да даде одговор на овие прашања доколку постои, како што има кај технолошките направи што ги купуваш (ТВ, компјутер, автомобил, мобилен и др.), упатство за начинот на функционирање на човекот. Но ти кога се раѓаш не добиваш и упатство како ти функционираш. Животните добиваат во наследство нешто (способност за летање, канџи, остри заби, големо тело и сл.) со чие користење опстануваат во средината каде живеат. Но човекот нема ништо од тоа. Но затоа има нешто што ниедно друго животно го нема: свесност и ум. И се што целиот живот го правиш е да ја откриеш моќта содржана во тие две нешта. Моќ што те прави различен и посилен во однос на се животинско.
Основата на учењето е да го направиш умот посвесен и поподготвен да ги решава твоите проблеми. Податоците што му ги даваш го прават посилен и послаб во однос на околината. Вистинското и применливо знаење му помага да ги решава твоите секојдневни потреби. Значи основата на твоето учење е да го оспособиш умот за носење на вистински одлуки. Умот е тој што учи и тој што треба да го користи добиеното знаење.
И види апсурд. Тој што е најодговорен за решавање на животните проблеми добива најмалку од твоето внимание. Ти треба да се свртиш кон изворот на твојата креативност, твојот ум, и да научиш како тој функционира. Тоа е основата на секое, па и твоето, знаење. Не смееш да бидеш како многумина кои трчаат по знаење а не знаат како функционира носителот на знаењето и како тој носител, умот, го користи за да решава проблеми. Научи како функционира умот и секое знаење ти е на дланка.
Како да оцениш дека е вистинско време да почнеш да учиш за умот? Постави си едноставно прашање: Дали се прилагодувам на околината или сум способен да ја прилагодам околината на моите цели? Не се прилагодувај на средината туку искористи ја моќта што ти е дадена како човек да ја менуваш, да имаш власт над сé па и над средината во која живееш.
Постојат начини, техники, алатки да го научиш тоа.
creation@t-home.mk