Monday, July 20, 2015

ЖИВОТОТ Е ТЕЖОК, АМА УБАВ

Зошто животот некогаш ни изгледа тежок, а некогаш многу убав? Што е тоа што прави некогаш да се чувствуваме тешко во врска со нашето живеење, а некогаш да се чувствуваме полетно и радосно? Во првиот случај се повлекуваме од животот, а во вториот сакаме да се вклучиме што е можно повеќе. Секогаш кога живееме од тоа што другите ни го даваат (земаат) , нашиот живот ни изгледа тежок. А кога живееме од тоа што ние сме го дале се ни изгледа убаво. Причината за ова е што ние создаваме живот преку она што го даваме., а не преку тоа што го земаме. Сепак заеднички именител на тешкиот и убавиот живот е размената. Таа преставува комуникација со околината и другите луѓе, а се состои од давање и земање. Разменуваме зборови, идеи, производи, имот и доверба. Овие се работите што ги даваме и земаме во комуникацијата и размената со другите луѓе. Вие го креирате вашиот живот до оној степен до кој успевате да ја водите, насочувате и контролирате вашата размена со другите луѓе. Постојат ли правила за да стекнеме способност да управуваме со размената што ја правиме со другите луѓе, а со тоа да креираме живот каков што сакаме? Да , тоа и многу друг работи се учат во училиштата и на факултетите. Дали тоа ви помогнало во животот ? Ако не сте задоволни од животот сигурно има нешто што не сте го научиле. ВАШАТА РАЗМЕНА ГО КРЕИРА ВАШИОТ ЖИВОТ? Зошто во одреден период од животот поголем дел од луѓето се повлекуваат од размената со другите луѓе и престануваат да го креираат својот живот?. Дали вам ви се случува ова? Акциите што ги превземате секогаш се со намера да креирате нешто, добро или лошо. Во акциите, користите два вида на способности: • вродени (волја, чувства, сетила-гледаш, слушаш, мирисаш, зборуваш, допираш) • научени (читаш, помниш информации, стекнуваш знаење за некоја област и слично) Преку нив стекнувате сопствено искуство, кое ве мотивира да продолжите да превземате акции и да креирате живот или пак ве стопират да продолжите да превземате акции. Во моето 20 годишно искуство на подучување и менторирање согледав дека една од причините за ова е верувањето дека научените способности се супериорни во однос на вродените. Затоа постојано бараме нови знаења и методи за нешто да работиме., се додека не се умориме и не почнеме да се повлекуваме од животот. Но всушност , причината за повлекување од акции за креирање на животот е моментот кога целосно сме се предале на идејата дека за успех во животот потребни ни се само научените способности. Врз основа на искуството како консултант, тренер и ментор забeлежав дека вродените способности на човекот се помоќни и посупериорни од научените. Поединецот што се поттпира на научените способности има ограничен простор за напредок. тој може да учи, да тренира и да превзема акции но степенот на личниот раст и развој е лимитиран. Од друга страна, оние што се враќаат на користење на вродените способности брзо и на чудесен начин постигнуваат успеси и резултати што ги посакуваат. За ова мое тврдење имам многу примери во средината каде делувам. Ова е причината што прифатив предизвик да понудам алатки што ќе го насочат поединецот кон зголемување на задоволството од сопствениот живот преку поголемо користење на неговите вродени способности. Имајќи предвид дека 7/10 од животот човек троши на работа- бизнис,избрав алтките за креирање живот да ги прилагодам на оваа област. Затоа што степен на користење на вродените способности за креирање ефекти во животот, најочигледен е во постигнувањето резултати во професијата и/или бизнисот. Прирачникот ви овозможува да откриете зошто си се откажал од своите вродени способности да го постигнеш тоа што го сакаш.

Saturday, June 6, 2015

Одговор: Преку Бојата на гласот се препознават!

Човек сонувал сон. Одејќи по брегот на морето, здогледал во песокта два реда траги од стапала. Се свртел кон Бога и запрашал: „Господи што е ова?“ Господ му одговорил: дека тоа се стапките од времето кога ти и Јас заедно чекоревме низ животот. Човекот продолжил по брегот и одеднаш застанал зачуден. „Господи но зошто овде има само еден пар стапки, зошто си ме оставил сам да чекорам во животот?“ На тоа Господ му одговорил: „не , најмил мој, јас не те оставив никогаш. Тоа се само моите стапки кога јас те носев на раце во време на тешкотиите низ кои минуваше во тој период од твојот живот“. Ова е реалност за многу луѓе, групи и народи. Македонскиот народ ја поминувал оваа реалност низ сопствената историја на борба за опстојување на овие простори. Иако многу долго бил носен на раце, сепак во последните 60 години опстојување, ако се сврти наназад ќе види дека има два реда траги од стапала: неговите и на Господ. Да се чекори заедно со него значи подготвеност да се превземе одговорност за сопствените одлуки, поточно изборите што ги прави. • Зборот одговорност на англиски е responsibility или „response - ability“. Буквален превод би бил способност за одговор. На македонски би значело „одговор носи“. Која е одговорноста на денешната генерација Македонци во актуелното бурно време? Кој одговор треба да го донесе? Која способност за давање одговори на предизвиците на деношново време треба да ја стекне? Во последните 25 години оваа генерација на македонскиот народ превзеде поинаква одговорност од порано. Ако одговорноста на претходните генерации била друга, пред 1945 борба за слобода и стекнување сопствена држава, пред 1990 година зачувување на идентитетот и самобитност, после 1991 година оваа одговорност многу се промени. да се опстојува самостојно управувајќи со сопствена суверена држава. Дали оваа генерација, живи Македонци е дорасната на оваа задача? Може ли да ја превземе одговорноста да ја гради и развива државата за таа да биде столб за остварување на долгорочните национални интереси? Мојот одговор е може. Но тоа не треба да заврши само на дел или група, туку свеста за оваа одгорност да се пренесе на секој жив македонец денес. Задачата не е лесна, но може да се изврши. Потребно е да се работи за да се подигне колективната свест за одговорноста на секој поединец за остварување на оваа задача. Првата пречка за секој размуен што сака да работи на оваа доаѓа преку прашањето: „Со кој си? Со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ?“. или „за Кој си?“. Навидум оние што се паметни,а всушност плашливи и неодговорни, велат за „никој не сум“. Мојот одговор е многу едноставен: јас сум со генерациите Македонци што изминатите два века се бореле за остварување на националните цели. Не само ова генерација, туку многу петходни и многу идни генерации ќе бидат за нив. Затоа никој од денешната генерација нема да опстојува долго, ниту ќе добие поддршка од мнозинството Македонски народ,доколку се откаже од тие со борба, крв и пот остварени национални цели. Денешното политичко водство не ги менаџира само краткорочните туку и трајните вечни национални цели за кои свој придонес дале многу претходни генерации. Што е тоа што со сигурност гарантира опстојување и остварување на целите на македонскиот народ? Што е правата суштина на македонските национални цели: 1. Држава конституирана со волјата на граѓаните на Република Македонија. и во која народот избира власт. 2. Институции кои се грижат за сите граѓани и способни да даваат одговори за проблемите на граѓаните, или одговорна власт. Но најважно, власт која не заборава кој ја избрал и зошто. 3. Зајакнување и поддршка на способностите на сите кои работат и водат бизнис за постојано зголемување на нивниот број во Република Македонија, или градење на заедништво врз основа на индивидуалните способности - правда= позицијата на секој поединец зависи од неговите спосбности и резултати. 4. Вклучување на оние што се надвор од економските , општествените и политичките текови во секојдневниот живот и зајканување на нивните способности самостојно да опстојуваат и напредуваат, или поддршка и на оние што во одреди периодот од животот им треба помош, милост кон хендикепираните. Сметам дека треба да се направи анализа за тоа како овие 4 столба на заедништвото на македонскиот народ се остварувале пред 100, пред 50 и пред 20 години, а како се остваруват сега. Вака поставени столбови на државноста и освестени/разбрани од што поголем број на граѓани ќе овозможат да се оценуваат резултатите и одговорноста на секој што претендира да биде менаџер на националните цели на македонскиот народ, за ова пишував повеќе во претходниот текст „Одлуката-Јас сум“. Денес имаме 2 пристапи кон националните интереси: првиот нив да ги остварува македонскиот народ и од него избрана власт и вториот, да се прави хаос, конфузија како основа да се бара и овозможи друг од надвор да се меша во решавањето на националните проблеми. Што ги разликува овие два пристапи денес? Бојата на гласот ? По неа, бојата на гласот, брзо се препознават кој за што е. Во зависност од тоа кој пристап ќе го прифати македонскиот народ, ќе се разликуваат два одговори Македонците да бидат носени на раце, од Господ или други од надвор, во остварување на својата самобитност или Можеме сами да чекориме заедно со Господ.

Sunday, May 17, 2015

Одлуката -Јас сум.....!

Кога римските војници најпосле го заробиле Спартак и дружината , не можеле да го препознаат па прашале: „Кој е Спартак“? Бидејќи никој не одговорил на прашањето, тие повториле: Кој од вас е Спартак? Ако не кажете кој е, сите ќе ве убиеме. По краток молк станал еден и рекол: Јас сум Спартак. потоа друг. Јас сум...., па трет Јас сум..... и се така до последниот од дружината. Иако знаеле дека одат во смрт, сите се изјасниле дека се Спартак. Оваа приказна често се споменува во учебниците за стратешки менаџмент, за да се објаснат зборовите визија и цели. Секој се поистоветил со целта за која се борел Спартак, ослободување од ропството, почитување на личниот интегритет и право да се одлучува за сопствениот живот. Граѓаните на Република Македонија во актуелниот политички миг, ставени се во позиција да избираат со чии цели да се поистоветат. Со оние на СДСМ или оние на ВМРО-ДПМНЕ, со целите на Никола Груевски или со целите на Зоран Заев. Иако се работи за наметната криза, а граѓаните се принудени да избират помеѓу овие две опции, последиците ќе имаат долгорочен ефект. Стручната јавност се бави со прашањето каква разрешница треба да има оваа состојба, политичка или правна. И оваа дилема е вештачки наметната, за ова пишував во претходниот текст: Што и Кој е Македонија? Но многу посуштински е долгорочниот аспект на оваа состојба, кој треба да одговори на прашањето за националните цели на македонскиот народ и кој треба нив да ги менаџира, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Успешноста во опстојувањето (управувањето) на секоја заедница, па со тоа и на македонскиот народ, зависи од три работи: 1/поставување на национални цели, 2/избор на менаџмент кој треба да ги оствари и 3/следбеници кои сакаат да ги следат националните цели. Националните цели на македонскиот народ се поставени пред 2 века, независна и суверена Македонија која овозможува просперитет и напредок на оние што живеат во неа. Многу генерации се обидувале да управуваат со нивното остварување, од Илинденците со Крушевската Република, преку борците во антифашистичката војна, па се до денешната генерација Македонци кои преку референдум ги поставија темелите на Македонската држава. Македонскиот народ ги следел или не своите лидери на овој пат само доколку им верувал дека работат на остварување на националните цели. Ова од причина што Македонците многу добро знаат кои се националните цели. Со создавањето на државата Македонскиот народ им го дава или одзема мандатот на политичките партии за водење на Македонската држава во зависност од тоа дали им верува дека работат на остварување на националните цели. Во сегашниот политички момент граѓаните се соочени со избор дали да ја подржат партијата што има мнозинска поддршка во Македонија или партијата што бара од меѓународната заедница да ја донесе на власт без разлика на волјата на мнозинството граѓани. Многу е симптоматично што западната меѓународна заедница избра политичка партија што нема поддршка од народот. Зошто преку ноќ таа го смени ставот и пофалбите за Македонија како најголем реформатор во регионот, бизнис рај за странските инвеститори и пример за успешна економска политика, се претворија во најжестоки критики за... искрено не знам за што, можеби затоа што државата се развива побрзо отколку тие сакаат, се потпира на свои сили, а граѓаните се задоволни и ја подржуваат демократски избраната власт? ИЛИ затоа што преку неа забрзано се остваруваат националните цели на Македонскиот народ? Ова последново е многу поверојатно ако знаеме што се од нив „добро“ доживел македонскиот народ. Затоа секој Македонец во овој политички момент прави избор слично како оној за Спартак , Јас сум.... коалицијата на ВМРО-ДПНЕ или Јас сум... коалицијата на СДСМ. Со изборот секој граѓанин дологорочно го одредува патот за иднината, првиот е власт за остварување на националните цели, преку своја држава заснована на потенцијалот на македонските граѓани или вториот е држава, зависна и со цели наметнати од други, кои многу наликуваат на македонското минато. Од денешното Јас сум ..... секој превзема одговорност и ја одредува иднината на Македонија.

Friday, May 15, 2015

Што и кој е Македонија?

Постои една анегдота за мудроста на Конфучие за градење на државата. На прашањето „Кои се трите најважни работи за една држава“ тој одговорил: „Одбрана, храна и верба во лидерите“. Следното прашање било: „Ако мора да се откаже од една од овие три работи од која прво да се откаже“? Тој одговорил: „Одбраната“. Но, соговорниците продолжиле со прашањата: „ Која би била следната работа од која треба да се откаже, помеѓу преостанатите две работи, доколку мора“? Неговиот одговор бил: „Храна“? На ова сите се изненадиле: „Но, како ќе преживее народот без храна“? Конфучије ги погледнал и им рекол: „Народ без храна ќе се снајде и ќе преживее, но без довербата во своите лидери, загубен е засекогаш“. Ова мудрост е посебено важна за помалите народи како што е Македонскиот народ, а истата може и да се потврди доколку се погледне во неговата историја. Се што постигнал Македонскиот народ, со борба или во мир, се должело на степенот во кој ги следел и им верувал на своите водачи. Прифаќањето на оваа мудрост ни овозможува полесно и поедноставно да го разберем и одговорот на прашањето од насловот на текстот. Што е Македонија? Во периодот пред втората Светска Војна, формирањето и признавањето на државите и на народите се заснова на тоа дали постоеле кралеви и династии, околу кои се формирале заедници на луѓе, народи. Но после втората светска војна, овој принцип бил променет за да се овозможи деколонизацијата, поточно формирање на нови држави на териториите каде големите империи имале своја власт. Ново воспостваните принципи за признавање на нови држави биле: поседување територија, народ кој е согласен да живее заедно и власт избрана од тој народ, поточно демократски избрана власт. Како Македонија ги обезбеди овие принципи? На 8 септември 1991 народот на референдум одлучи Македонија да биде независна и суверена држава. Врз основа на него се донесе Уставот, политичко правен акт за општата согласност за принципите за внатрешното уредување на Република Македонија и нејзиниот мирен развој како независна држава. Со овој чин народот ја искажа својата согласност да живее заедно. Сепак во овие две клучни одлуки не учествуваше албанската етничка заедница. Во 1991 година се спроведоа и првите повеќепартиски избори за формирање на демократска, од народот избрана власт. Во 1994 година се спроведе пописот на населението под мониторинг на меѓународната заедница и со учество на нивни експерти во неговото спроведување. Со него се верификува изјаснувањето на 67% од населението дека се Македонци, нациналност која соседите ја оспоруваа. Иако во тоа време главниот фокус на сите политички, домашни и странски актери беше ставен на тоа колку е учеството на албанската етничка заедница во вкупниот број на население во Македонија, сепак најголемиот резултат на овој чин беше потврдата што се доби на меѓународен план дека постои Македонски народ. Иако сите овие клучни одлуки беа донесени по мирен пат, поради оспорувањата од соседите, на Република Македонија и требаше доста време за признавање на овие реалности на меѓународен план. Дури во 1995 година се прифати територијалниот интегритет со приемот на државата во ОН како рамноправна членка. На неа и следеа активности на оцртување на границите на север, бидејќи остнатите три граници веќе постоеја и се признаа како граници на Република Македонија со соседите. Во бурните времења што дојдоа потоа, во 2001 година, кон принципите на државноста се приклучи и албанската етничка заедница преку Охрискиот Договор и променета на Уставот на Република Македонија. Во овој чин не учествуваше само народот на територијата на Република Македонија, бидејќи Охридскиот Договор го потпишаа и ЕУ И САД. После 2001 година останува нејасно зошто, и покрај потписот на ЕУ И САД дека е исполнет условот сите граѓани и сите етнички зедници да се согласни да живееат во назависна и суверена Македонија, меѓународната заедница не ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име, иако повеќе немаше никој одвнатре и однадвор да се противи на македонската државност. Во годините што доаѓаа Република Македонија беше изложена на постојани притисоци и обиди за негирање на некои од овие три, меѓународно важечки принципи, на нејзината државност. Грција ја негираше нејзината територија, а Бугарија македонската националност преку негирање на македонскиот јазикот. Но, најсуптилното и најприкриеното негирање секогаш беше демократски избраната власт. Негирањето на првите два принципа се вршеше од надвор и јавно, но негирањето на избраната власт беше одвнатре и секогаш од релевентите политички партии, учесници во изборите. Од 1994 до 1998 година улогата на подривач на овој принцип ја играше ВМРО-ДПМНЕ, а од 2006 до 2015 година оваа улога ја превзеде СДСМ. На ова се надоврзуваа и другите политички партии, особено на партиите на Албанците, кои негирањето на изборот на власта од страна на народот ја фокусираа на функцијата Претседател на државата. Очигледно е дека непријателите на Македонската држава ја разбираат и успешно ја применуваат мудроста на Конфучие на почетокот на овој текст- да се натера народот постојано да се сомнева или да се откаже од најважната работа за една држава: Вербата во своите лидери. Кој е Македонија? Во изминатиот период, целокупното внимание на граѓаните во Република Македонија, македонскиот народ и другите етнички заедници, беше преокупирано со барањето за признавање на државноста од другите народи во регионот, европа и светот. Тоа е оправдано за нова држава која сака да избори свое место во меѓународната заедница. На овој пат одговорот на прашањето Што е македонија и кој е Македонија е ист. Единствено само редоследот на меѓународно признатите принципи е поинаков. Власт избрана од народот, кој недвосмислено ја изразил својата согласност да живее во своја држава на територијата на поранешната држава Југославија. Политичко правен акт за оваа согласност на граѓаните и политичките актери е Уставот на Република Македонија. Политичкиот дел преамбулата на Уставот „Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во незјините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкоот народ и другите, превземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина ....... еднакви во своите права и обврски кон зедничкото добро- Република Македонија, во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 Септември 1991, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна и суверена држава со намера да се воспотави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓански слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда......... преку своите преставници во Собранитето на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори ..... Правен дел, член 2 ,..... Суверенитет на граѓаните ... власта ја остваруваат преку демкратски избрани преставници и член 61 -Собранието на Република Македонија е претсавнички орган на граѓаните..... член 3 - Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива..... Накратко кажано Уставот има одговари и на двете прашања, Што и Кој е Македонија. Сепак после изборите во 2014 година дел од избраните преставници на Македонскиот народ не се придржуваат на овие Уставни одредби. СДСМ не учествува во Собранието на Република Македонија негирајќи ја слободата и демократичноста на изборите, а решението го гледаат во преодна Влада и посредување на меѓународната заедница. Прифаќањето на предлогот за преодна Влада значи времено суспендирање на член 2 од Уставот на Република Македонија, а со оглед на фактот дека тој Устав е произлезен од Референдумот од 1991 година и Охридскиот Договор од 2001 година, тоа индиректно би значело и суспендирање на нивните одлуки. Дали СДСМ има мандат од своите гласачи, дел од македонскиот народ, за промена на овие одлуки треба да биде јасно одговорено од раководството на оваа партија. Предлогот за посредување на меѓународната заедница е директно во спортивност со член 1 од Уставот на Република Македонија... Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив, како и со член 2 од истиот Устав ...Суверинетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Значи колку и да изгледа голема загриженоста на СДСМ за иднината на Република Македонија, макар и да е оправдана и аргументирана, многу треба да биде внимателна за ефектите од решенијата што ги предлага. Но, предупредувањата треба да се однесуват и за сите други граѓани, посебно Македонците , за да бидат свесни што можат да предизвикаат ако непромислено стојат зад предлози кои можат да ја однесат Република Македонија во состојбата од пред 1991 година. Нема никој да ни биде виновен, освен ние самите, доколку наместо обезбедување на подобра иднина го изгубиме она што сите заедно го потигнавме досега. Зошто раководството и членството на СДСМ се оградуваат од тоа Што и Кој е Македонија, а зошто сакаат да предизвикат нова расправа и довогор за Уставните решенија не можам да насетам. Но, не сакам да мислам дека ова го прават свесно и намерно., барем не огромниот број на нивни членови, за кои знам дека се гордеат со државоста на Република Македонија. Сеуште не е касно да се вратиме на оние принципи кои ни обезбедија, можеби бавно, но постепено и успешно етаблирање на Република Македонија во меѓународната заедница на суверени држави. Иако меѓусебно се напаѓаме, критикуваме а понекогаш и мразиме, сепак никој не може да го избрише и негира придонесот на секоја политичка партија и секој граѓанин во изградбата на македонската државност, ниту пак да ја негира потребата за нивен иден придонес во развојот на државата. Ова го пишувам поради големата почит и лубов кон сите мои пријатели, кои од различни лични причини се гневни, незадоволни и непријателски настроени кон власта во Република Македонија, но заслужуваат да ги согледаат своите постапки и да бидат свесни за тоа што избираат за своја иднина. Доколку некој се праша, зошто овој текст не беше порано или да мисли дека сега е предоцна, можам да им кажам само да не се надеват дека негирањето на трите принципи на македонската државност некогаш ќе престанат. Само ќе се менуваат средствата преку кои на суптилен начин крајната цел ќе биде некој од овие принципи за меѓународна стабилност на Република Македонија. Постојано ќе се негира демократијата, избраната власт, македонскиот народ и нејзината територија. Тоа ништо нема да има ефект врз Репубика Македонија ако ние самите не учествуваме и не ги подржуваме таквите негирања. Најбизарното нешто е што за овие негирања ќе се користат барањата за слобода и демократија. Но и едното и другото се прашање на организација на државата. Тие не се идеологија, насока на остварување на национални цели, туку услови за разговор за легитимноста на националните цели на државите на кои и се наметнуваат, И втората поважна работа е дека слободата и демократијата ( право на одлучување за власта) не се колективни туку индивидуални вредности кои не можат на сила да му се дадат на поединецот, туку тој самиот треба да ги поседува. Не може никој и никому да му даде или одземе слобода и демократија, против поединечната волја на граѓанинот, па тоа и да е најмоќниот политички субјект. Најголема слобода и демократија за поединецот е тој самиот во секоја ситуација самиот да ги донесува своите одлуки, без никакви притисоци и спречувања и најважно од се: Со целосна доверба во себе и лидерите што ги следи.